Што се случува со „Ремонт на пруги“?

 

Откако беше пуштен првиот текст за протестите на работниците на “Ремонт на пруги”, на 15. ноември во просториите на ЈП „Ремонт на пруги„ разговаравме со член на „Синдикатот на Ремонт на пруги – подружница на Гранковиот синдикат за сообраќај и врски при ССМ”. Овие две-три недели штрајкот е ставен во мирување откако беа примени од страна на Владата и добија извесни ветувања дека се води иницијатива за решавање на нивната состојба. Во моментов не постои никаква одлука од страна на Владата во врска со ова јавно претпријатие кое е во штрајк уште од јуни.

За деталите на преговорите добивме информација дека е разговарано со Економскиот Совет при Министерството за транспорт и врски, кое и покрај законската регулатива не дозволува стечај на претпријатието, ниту пак негова препродажба. На 80-те вработени во фирмата им е кажано дека постои иницијатива тие да бидат вработени во ЈП „Македонски Железници”. Во врска со тоа што ќе се случи со имотот кој му припаѓа на ЈП „Ремонт на пруги”, од авторитетите не е кажано ништо. Станува збор за 80 вработени (бројка која пред 2 години изнесувала 200, меѓутоа во меѓувреме поголем дел од вработените исцрпени и обесхрабрени од лошата состојба во која се наоѓаат, дале отказ) од разни градови ширум Македонија, кои последната плата ја примиле во април 2011, а во текот на 2012 биле исплатени само за 2 месеци. Вкупниот долг кон вработените изнесува 20 плати кон секој поединец. Кажано ни беше дека никој од вработените, вклучително и управата, не е исплатуван. Вработените инсистираат да бидат исплатени сите, вклучувајќи ги и оние кои во меѓувреме престанале да работат во претпријатието.

Фирмата исто така е во лоша финансијска состојба со долг кон УЈП во главно поврзан со ДДВ. Со оглед на состојбата во која се наоѓаат, вработените не се мотивирани да работат. Половина од нив се на возраст над 55 години, а во претпријатието во текот на изминатите 15 години не е примен ниту еден нов работник. „Ремонт на пруги” од страна на самата Влада, е квалификувана како претпријатие без капацитет да конкурира на тендерите кои самата ги објавува. Еден таков тендер за реконструкција на одредени железнички траси во меѓувреме го доби австриска „Алпина”, додека претпријатието кое е во сопственост на граѓаните на РМ постепено се уништува и ограбува, како и животите на неговите работници.

Image

Posted in Uncategorized | Leave a comment

На работниците од Охис и Ремонт на пруги не им треба вашата милостина или сожалување им треба вашата солидарност

Иако работниците од Охис и Ремонт на пруги протестираат веќе две недели пред Влада, од медиумите немаат никаква покриеност (освен од еден или два медиумa) и речиси никој не е запознаен со ситуацијата во која се наоѓаат овие работници.

Ситуацијата со Охис

Работниците од Охис веќе 10 дена протестираат пред Влада за да се изборат за своето основно право: правото на плата. Без веќе 14 плати, испратени се на принуден одмор Додека нивните менаџери  одат на работа и земаат  дебели бонуси, работниците стојат пред петнаесеттиот неисплатен месец во фабриката. Иако веќе десетти ден протестираат пред Влада, никој нема слух за нивниот проблем и никој не се дрзнува да ги прими за да се изнајде решение на проблемот.

Работниците од Охис не бараат милостина, единствено што бараат е да им се исплатат платите кои си ги заработиле и да им се реши статусот со оглед дека повеќето се работници со долг стаж на работа и во поодминати години. Иако синдикатот на Охис побара 1 милион евра за да ја рестартираат фабриката и да продолжат да работат, државата ги одби.

Моменталната состојба во Ремонт на пруги АД Скопје е следна:

–       Фирмата е онеспособена технолошки и кадровски

–       Намален е за 50% број на вработени

–       Вработените се на принуден одмор веќе 3 години

–       20 бруто плати се неисплатени

ImageВо нашето претпријатие направена е криминална приватизација. Со необезбедување на работа и плата (20 неисплатени плати) очекуваат вработените да си дадат отказ од фирмава(пред 3 години бевме185 вработени а сега сме 79),и некој да располага со имот и средства во вредност од околу 3 до 4 милиони евра без луѓе. Тоа нека не очекуваат дека ќе се случи бидеејќи сега сите 90 вработени се одлучни да истраат до крај во барањата.

Протестот ќе го продолжиме се до исполнување на сите наши барања, подобро ќе умреме на улицата пред Владата затоа што и така  сме без средства за прехранување , а за сметки не смееме ни да помислиме да ги платиме. Во следните денови протестот ќе го радикализираме( прекин на жел.сообраќај, штрајк со глад, 24 часовен протест пред Владата и друго).[1]

Денеска кога отидовме да поразговараме со работниците видовме работници на кои достоинството им е згазено, работници кои се очајни, кои дома не можат да однесат парче леб, работници кои не можат да отидат на лекар затоа што не им даваат навремено плави картони. Видовме работници кои гледаат како некој им ја уништува фабриката во која работеле целиот свој живот, работници кои се прашуваат како луѓето да купуваат македонски производи кога вака ги уништуваат македонските фабрики. Видовме работници кои не можеле да им дозволат на своите деца високо образование затоа што немаат пари за леб а не за образование.

Работниците од Охис и Ремонт на пруги ќе протестираат секој ден од 10:00 часот пред Влада се додека не им се исполнат нивните барања. Иако постојано се врши притисок врз нив, работниците нема да престанат со штрајкот додека не им ги дадат платите кои си ги заработиле. За да можат да се изборат за своите права и да извршат притисок на штрајкот треба да покажат солидарност  и другите работници како и студентите кои се идни работници.


[1] Извадок од известувањето на синдикалната организација на Ремонт пруги.

Posted in Uncategorized | Leave a comment